Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, со особено задоволство ја најавува изложбата на македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни. Насловот на изложбата е „Париски рефлексии“, истата ќе биде поставена во објектот Чифте амам а отворањето е закажано за 18 март 2022 г. (петок), точно на пладне, во 12 часот.
На публиката и љубителите на уметноста ќе се обратат директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер и министерската за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни
престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.
Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности.
На изложбата ќе бидат изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.
Во еден селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.