Пар патики кои ги носеше НБА суперѕвездата Мајкл Џордан во вторникот биле продадени за 2,2 милиони долари, што е рекордна цена на аукција за спортски обувки кои биле носени на натпревари, објави „Sotheby’s“.
Кошаркарскиот великан ги носеше „’Bred’ Air Jordan 13s“ во текот на НБА финалето во 1998 година, на пат до својата шеста и последна титула на НБА првак. Интернет продажбата ја зацврсти позицијата на Џордан на највреден спортист на аукциите за спортска облека. Со тоа го сруши сопствениот рекорд од 1,5 милиони долари за патики, поставен во септември 2021 година.
Минатата година, еден од неговите дресови беше продаден за 10,1 милион долари, што е досега најплатен колекционерски предмет носен на натпревари.
Џордан ги носеше патиките во второто полувреме од победата на Чикаго Булс над Јута Џез (93-88), на 5-ти јуни 1998 година.
Остварената цена која вклучува надомест и провизии, била малку над претпродажната проценка на „Sotheby’s“ од најмалку 2 милиони долари, но значајно под предвидената горна граница од 4 милиони долари.
Аукциската куќа соопштила дека Џордан ги потпишал патиките кога ги дарувал, но не сакала да го открие идентитетот на продавачот, ниту на купувачот.
Патиките се познати како „Bred“ (Black and Red) поради црната и црвената боја, стил кој Џордан го носеше во текот на поголемиот дел од кариерата полна со трофеи.