Александар Стевановски, еден од поновите текстописци веќе го освојува балканскиот музички пазар.
Релативно млад, но на домашна сцена веќе докажан како текстописец, Александар Стевановски се пробива и надвор од границите на Македонија барајќи поднебје кое што е далеку поплодоносно од овдешното.
Вели дека му е навистина жал што во Македонија текстописците од стариот ков можат да се избројат на прстите од една рака, а нови речиси и да нема, па неконкурентноста го диктира и квантитетот над квалитетот.
– Пред неколку години ставив точка на пеењето бидејќи сфатив дека постојат луѓе кои се умешни во тоа далеку повеќе од мене па се посветив во целост на она за кое што многумина ми сугерираа дека треба да го работам, на пишувањето песни. Да бидам искрен, сметам дека долги години сме во дефицит во однос на текстописци, на нови и надежни лица во таа сфера, па можеби тоа ми овозможи полесно да допрам до публиката, да бидам забележан и да се издвојам. Напишав песни за повеќе наши изведувачи а како еден од нив ќе го издвојам Ѓоко Јовиќ, за него прво ја напишав “За Велигден” освојувајќи ги симпатиите на нашинците преку океанот, па потоа сами по себе се редеа една по една и другите, почнувајќи од “Решив дома да се вратам”, “Стојне мома на чорбаџи Стојана”, “За четири наши дечиња” и така натаму – рече Александар во една прилика.
Неодамна на својот профил на Фејсбук Александар објави и интересна соработка со познатиот босански изведувач Армин Биједиќ, за кого заедно со Ѓоко Јовиќ создадоа музичка нумера насловена како “Патник без адреса”, песната беше проследена со високобуџетен спот и со своевидна промоција во познат ресторан, а Александар тогаш истакна дека се повеќе пишува песни кои што се на Српски јазик следејќи го она што се бара на пазарот.
Тој вели дека балканскиот пазар бара макотрпност, многу посветеност и креативност за да се забележи успех и да се дојде до соработка бидејќи конкуренцијата е огромна, а токму тоа за него е предизвик плус.
Инаку, Александар Стевановски и Ѓоко Јовиќ веќе неколку години како тандем неуморно создаваат песни за други пејачи овде и во соседството на начин што Александар ги пишува текстовите а Ѓоко музиката, па сето тоа како готов производ измиксан во студиото на Јовиќ се пласира понатаму.
Во продолжение слушнете ја “Патник без адреса”: