Двајцата изразија сочувство до семејствата на загинатите во вчерашниот терористички напад на концертната сала „Крокус“ во Москва
Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, и кандидатката за шеф на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, преку објава на социјалните мрежи го осудија вчерашниот напад на концерната сала „Крокус сити хол“ во Москва, во кој загинаа најмалку 143 лица.
„Најостро го осудувам терористичкиот напад врз цивили во ‘Крокус сити хол’ во Москва. Искрено сочувство до фамилиите на тие кои ги загубија најблиските. Им посакувам брзо закрепнување на повредените“,
пишува Пендаровски во објавата на Фејсбук.
Преку објава на социјалните мрежи, терористичкиот напад во Москва го осуди и актуелната пратеничка и кандидатка за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
„Недвосмислено го осудувам нападот насочен кон луѓе кои настрадаа затоа што беа присутни на концерт во Москва. Ништо не може да ги оправда ваквите грозоморни злосторства. Моето најдлабоко сочувство до жртвите и нивните семејства. Му изразувам искрено сочувство на целиот руски народ за загубените животи и за повредените во вчерашниот напад“,
пишува таа во фејсбук-објавата.
Во објавата на Фејсбук, Силјановска-Давкова, меѓу другото, ги повика на внимателност македонските државјани кои во моментов се наоѓаат во Москва, а меѓународната заедница ја повика заеднички да ја осуди и да дејствува против, како што вели, тероризмот како едно од најголемите зла на денешнината.
Според последните информации, во вчерашниот терористичкиот напад на концертната салата „Крокус сити хол“ во Москва загинале 143 лица, но се стравува дека бројката ќе се зголемува. Поради терористичкиот напад, кој, инаку, го осудија и Европската Унија и САД, утре во Русија ќе биде прогласен ден на жалост.