Бугарската полиција приведе пет лица во врска со бомбашкиот напад во Истанбул минатиот викенд во кој загинаа шест лица, соопшти денеска бугарското обвинителство.
Осомничените се приведени за помагање на еден од учесниците во бомбашкиот напад на 13 ноември, изјави портпаролката на главниот бугарски обвинител Сика Милева, без да ја прецизира нивната националност.
Тие се обвинети за давање логистичка помош при бегството на вториот главен осомничен за нападот во Истанбул, рече Милева, без да прецизира дали осомничениот се уште е во бегство, пренесе АП.
Агенцијата Anadolu денеска јави дека антитерористичката полиција во Истанбул уапсила уште осум лица осомничени дека им помагале на оние кои го извршиле бомбашкиот напад.
Турскиот суд во петокот нареди притвор на 17 осомничени во очекување на судењето, обвинувајќи ги за обиди против националното единство, убиство со умисла и обид за убиство.
Судот ослободи уште тројца осомничени од притвор до почетокот на судењето, пренесе АП.
Обвинителите поминаа околу пет часа испитувајќи го главниот осомничен за нападот, Ахлам Албашир, Сиријка обвинета дека оставила бомба полна со ТНТ на авенијата Истиклал.
Таа призна дека ја оставила чантата со експлозивната направа на уличната клупа, но тврди дека не знаела што има во неа.
Датумот на судење се очекува да биде одреден откако обвинителите ќе подготват обвинение, што може да потрае со месеци.
Во бомбашкиот напад на авенијата Истиклал во Истанбул на 13 ноември загинаа шест лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 80 лица беа повредени.
Турските власти ја обвинија забранетата Курдистанска работничка партија, како и групите сириски Курди поврзани со неа, за експлозијата.
Курдските екстремистички групи негираа вмешаност во тој напад, потсетува американската агенција.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.