Писториус повика на прекин на дебатата за испраќање војници во Украина


Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска повика на прекин на дебатите за можното распоредување на западни трупи во Украина, пренесоа агенциите.

-Никој не сака да испраќа војници во Украина. Во моментов се води дискусија за ова прашање, предлагам да ја прекинеме сега, рече германскиот социјалдемократски политичар за време на посетата на Хелсинки.

Идејата беше лансирана минатата недела од францускиот претседател Емануел Макрон.

Во сличен критички дух зборуваше и финскиот колега на Писториус, Анти Хјакиенен.

-Во моментов никој не поддржува таква идеја. Но, сите се за обезбедување поголема поддршка во форма на оружје, муниција и пари и тоа е она на што сега мора да се фокусираме, повика финскиот министер за одбрана.

Во исто време, Писториус ја минимизираше важноста на внатрешно-политичките дебати во Германија околу обезбедувањето крстосувачки ракети Таурус за Украина. Според него, ракетите со долг дострел нема да одлучуваат за исходот на војната.

-Прашањето е дали проектилите можат да помогнат „на еден или на друг начин“, рече тој.

Канцеларот Олаф Шолц постојано вели дека постои линија што Германија никогаш нема да ја помине, „а тоа е учество во војна“, додаде Писториус.

-Токму ова е причината зошто ракетите Таурус се уште не се испорачани, рече министерот за ракетите кои имаат дострел од 500 километри.

Тој, одговарајќи на прашањето за недостигот на муниција што го има Украина, посочи дека имаат проблем со производствениот капацитет на артилеријата, што главно влијае на муницијата за системите за противвоздушна одбрана како што се ракетите Патриот и ИРИС-Т.

-Треба да направиме се што можеме ширум светот за да собереме, набавиме, купиме и произведеме се што е можно за да можеме да ја поддржиме Украина на најдобар можен начин, рече тој.

Министерот истакна дека Германија до крајот на минатата година обучила 10 илјади украински војници.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: