Крилото на Таравари најави дека утре во 19 часот ќе одржи конгрес на партијата. Приврзаниците на Села, пак, соопштија дека нема промена на претходно закажаниот конкрес и дека истиот ќе се одржи во недела во 13 часот, на кој, како што соопштија после одржаното Централното собрание ќе се одлучува за иницијативата за разрешување на претседателот на партијата Арбен Таравари
Приврзаниците на Арбен Таравари во Алијанса за Албанците за утре во 19 часот во хотелот „Александар палас“ закажале вонреден конгрес на партијата. Информацијата на социјалната мрежа Фејсбук ја објави Халил Снопче, пратеникот од Алијанса за Албанците, кој изминатиот период му дава поддршка на Таравари.
„Врз основа на член 31, точка 1, од Статутот на Алијансата за Албанците, претседателот на партијата д-р Арбен Таравари повика на вонреден конгрес утре, петок, 16 февруари 2024. Промената започна!“,
напиша тој на Фејсбук.
Министерот за правда, Кренар Лога, пак, кој пак застана зад крилото на Зијадин Села, претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците на својот Фејбук профил објави дека конгресот на Алијанса за Албанците е закажан да се одржи во недела во 13 часот во Националната опера и балет во Скопје, како и дека, како што соопшти, секоја друга информација се смета за шпекулација.
„Во недела се одржува 4. конгрес на Алијанса за Албанците. Нема промена на датум и локација. Добредојдовте во нашиот дом! Секоја друга информација која кружи освен оваа официјална информација е лажна и обид за измама и дефокусирање на членството“,
напиша тој.
Оттаму за утре во 13 часот во канцелариите на Алијансата за Албанците во Тетово, најавија и прес-конференција за медиумите, на која, според соопштението, ќе бидат објавени детали за последните случувања во партијата.
Од градскиот плоштад во Гостивар, актуелниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска ја објави кандидатурата за претседател на државата. Таа, како што кажа, е на предлог на Претседателството на партијата и со поддршка од опозициските партии на Албанците, здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“.
Поделбата во Алијанса за Албанците започна пред десетина дена кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците.
На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша оти тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.