Одговарајќи на прашања од присутните, Пендаровски рече дека лидерот на опозициската партија сега е шпицен кандидат за претседател како што пред четири години бил шпицен кандидат за премиер, додавајќи граѓаните да не бидат зачудени ако на локалните избори догодина Мицкоски биде шпицен кандидат за градоначалник на Скопје
Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од СДСM, Стево Пендаровски на вечерашниот изборен митинг во Кичево ги повика присутните да се качат на бината и да застанат покрај него. Со овој невообичаен гест, како што кажа тој, сака да ѝ одговори на главната опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ), за нејзините прозивки дека во настапите од претседателската кампања е сам, без да биде придружуван од раководството на партијата која застана зад неговата кандидатура.
„Проштевајте, не мислев да го направам ова, но ми јавија пред малку дека главната опизициска партија на митинзите денеска критикува дека на моите митинзи само јас зборувам и велат дека Стево е оставен потполно сам. Сега ќе ве замолам за да му кажеме на Мицкоски и на неговите пајташи дека јас сум бил секојпат и ќе бидам секојпат со мојот народ. Повелете сите на бина“,
рече Пендаровски.
По ова дел од присутните поддржувачи се качија на бинатата, колку што дозволуваше просторот на неа.
Тој на централниот митинг во Кичево вечерва им даде можност на присутните граѓани да му поставуваат прашања, а едно од нив беше и зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оди на митинзите на Гордана Силјановска-Давкова. Пендаровски одговори дека тоа е не затоа што неговата противкандидатка во трката за претседател ја прекинала кампњата, туку затоа што лидерот на опозициската партија сега е шпицен кандидат за претседател како што пред четири години бил шпицен кандидат за премиер.
„Да не ве чуди ако догодина биде шпицен кандидат за градоначалник на Скопје. Веројатно нешто ќе му се погоди“,
додаде тој.
Одговарајќи на друго прашање за коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со партии од албанскиот блок, Пендаровски рече дека партијата со националистичка реторика сака да добие повеќе пратеници за да не ги уценуваат Албанците“, а потоа, ако добијат, „ќе си влезат во коалиција со која било партија на Албанците сосема ладно, сосема комотно“.
„Во Македонија влада без политички претставници, барем на најголемите етнички заедници, не е можна или е можна ама е опасна…Ова е вообичаена реторика кога работите не им одат добро“,
рече Пендаровски.
Инаку, дел од акцентот во своето обраќање на митингот во Кичево, кандидатот за шеф на државата поддржан од СДСМ, го стави на соживотот и рече дека во изминатите пет години ги исполнил сите очекувања затоа што не ги делел луѓето, еднакво се однесувал кој секој човек, почитувајќи го потенцијалот на секого што е корисен за добросостојбата на државата.
„Само така можеш да се наречеш претседател на сите граѓани. Улога на претседателот е да сплотува. Делбите се најголемата закана. Мал народ сме и ако се глодаме, ако се јадеме меѓу себе, нема да напредуваме“,
рече Пендаровски.
За досегшаниот мандат, тој кажа дека бил тежок, во период полн со предизвици, потсетувајќи на пнадемијата на ковид 19. Но, како што додаде, се случиле добри работи за државата, пред се членството во НАТО, кое се остварило благодарение на политичката структура на која припаѓа и тој и која конечно успеала да го реши ова прашање и по цена да загуби од рејтингот и популарноста, но за подобар живот на следните генерации.
„Нашиот пат може да биде само евроатлантскиот, Америка и Западна Европа. Тоа се урнеците кои мораме да ги следиме и на кои мора да се огледуваме. Сѐ друго е замајување на народот и се друго е враќање назад во комплетно неизвесна иднина која ни ја нудат некои, за жал и овие денови во рамки на оваа кампања“,
рече Пендаровски.
Главната опозициска партија, рече тој, е против Рамковниот и Преспанскиот договор и да може и денеска би ги поништила. Тој ги повика граѓаните масовно да кажат „не“ на таквите обиди и опции, затоа што тие не носат во голема неизвесност и веројатно во нови конфликти.
Говорејќи за домашната политика, Пендаровски рече дека битката против криминалот и високата корупција и во следните пет години ќе биде една од неговите главни заложби, ако ја добие довербата на граѓаните на изборите. Рече дека и досега се залагал за владеење на правото, дека жестоко се борел против корупција и криминал, а доказ за тоа е што нема ниту една криминална афера зад него.
Говорејќи во таа насока, кажа дека кај него нема провизиим непотизам, судир на интереси и оти работи за плата, а не за проценти и за криминални структури. Според него, многу политичари кои ја добиле довербата од граѓаните, и на локално и на централно ниво, не ја оправдале таа чест.
„Така ќе биде и натаму. Сите кои влегуваат во криминал, тамам да ми се најдобри другари и најблиски роднини, ќе бидат јавно жигосани, јавно ќе се откажам од нив и ќе побарам надлежните органи да ги процесираат. Мораме да бидеме гласни и на таквите да им кажеме да се тргнат и да не ги заземаат местата на способните, на младите и чесните луѓе домаќини“,
рече Пендаровски.
На тој план, рече, застанавме на половина пат и затоа ветува уште посилна битка против корупцијата. Кажа оти ќе се залага за целосна проверка на имотот на сите судии, обвинители и на политичарите.
„Да видиме како некои луѓе од плата направиле палати и милиони на грбот на народот“,
додаде тој.
Пред централниот митинг во Кичево, Пендаровски имаше средби со граѓани на Македонски Брод.