Повеќе од половина од контролираните фирми не дале плата или минималец

Од 74 инспекциски надзори во декември и во јануари, дури 41 фирма на своите вработени не им исплатиле плата во законскиот рок, или не им дале ни минималец. Ова е одговорот од Трудовиот инспекторат на прашањето на „Слободен печат“ до каде се постапките во врска со скандалозниот податок што пред еден месец го објави директорката на УЈП, Сања Лукаревска, дека има фирми што на работниците им исплатиле плата од нецели 2 денари, или од 5 денари.
– Државниот инспекторат за труд во текот на декември 2020 година и јануари 2021 година во координација со Управата за јавни приходи спроведе координативни надзори кај правни субјекти кои се регистрирани како корисници на државна финансиска помош за месеците април, мај, јуни, октомври и ноември 2020 година. Покрај овие правни субјекти, кородирани инспекциски надзори беа спроведени и во 10 текстилни фабрики.
Имено, инспекторите за труд извршија вкупно 74 инспекциски надзори. При инспекциските надзори се констатирани неправилности кај 41 работодавач, за што се донесени исто толку решенија со опомена за отстранување на утврдените неправилности што се однесуваат за неисплатена плата и придонеси од плата во рок утврден според Законот за работните односи (најдоцна 15 дена по завршување на претходниот месецот), неисплатена минимална плата која е во висина од 14.943 денари – велат од Трудовиот инспекторат.


Оттаму објаснуваат дека по донесените 41 решение, трудовите инспектори извршиле и 17 контролни надзори со цел утврдување дали работодавачите постапиле по решенијата, при што е констатирано дека 10 работодавачи постапиле, 6 работодавачи не постапиле и за нив е изречено инспекциска мерка – решение со наредба согласно одредбите од ЗРО и даден е рок за постапување и кај еден работодавач е изречена глоба и е издаден прекршочен платен налог за микро правен субјект до 10 вработени од 200 евра за одговорното правно лице и 150 за одговорното лице во правното лице, додека за останатите надзори течат роковите, за што ќе следуваат контролни надзори дали се отстранети недостатоците.
– Државниот инспекторат за труд во соработка со УЈП интензивно и во следниот период ќе продолжи со координирани акции, со цел превенција на работниците и нивна редовна исплата на плата согласно Законот за работните односи – велат од ДИТ.
Во УЈП велат дека тие ги процесираат и сите случаи каде што нивниот систем ќе детектира помала исплата на плата од гарантираниот минимум.


– Во членот 260 од Законот за работни односи, дефинирани се овластувањата на институцијата за јавни приходи, според кои организацијата надлежна за работите на јавните приходи е должна да го известува надлежниот инспектор на трудот за работодавачите што не извршиле пресметка и исплата на плати, односно најниска плата за претходниот месец. Известувањето се доставува до Инспекторот на трудот според седиштето на работодавачот. Инспекторот на трудот ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка, ако констатира дека работодавачот, односно одговорното лице со повреда на закон или други прописи, колективни договори и договор за вработување со кој се уредуваат работните односи, извршил прекршок – велат од УЈП.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.