Повисоки трошоци на живот на месечно ниво, најголем пораст кај овошјето и велосипедите

Трошоците на животот и цените на мало во мај во однос на април годинава се зголемени за 0,4 отсто, додека споредено со мај лани бележат намалување за 0,2, односно 1,3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст на трошоците на животот во мај 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,2 проценти, рибата и морските плодови за 0,9 отсто, жестоките пијалаци за 0,8 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, пивото за 0,4 отсто, месото, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,3 проценти, лебот и житата и млекото за 0,2 отсто.


Во мај годинава, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е регистриран и кај велосипедите, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,3 проценти, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 3,2 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,8 проценти, услугите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,8 отсто, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,7 проценти, другите медицински производи, медиумите за снимање, градините, растенијата и цвеќињата за 0,5 отсто, другата облека и додатоците за облека, обувките, теписите и другите подни покривки за 0,4 проценти, моторните возила, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3 отсто.
Намалување на трошоците на живот во мај годинава, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 0,6 проценти, јајцата за 0,5 отсто и виното за 0,2 проценти.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 4 проценти, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 2,2 отсто, електричните апарати за лична хигиена за 1 процент, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,9 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,8 проценти, облеката за 0,4 отсто, другите лични предмети за 0,3 проценти, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, терапевтските помагала и опрема, информатичката опрема за обработка на податоци, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2 отсто.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.