„Поворка на живите“ во знак на сеќавање за холокаустот на Евреите

Холокаустот беше мрачна епоха која нѐ задолжува да градиме заеднички свет за да ги спречиме таквите злосторства, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска од Битола, каде се одржа Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Во рамки на одбележувањето низ битолските улици се одржа и „Поворка на живите“ каде бројни граѓани симболично ја изодеа последната патека на своите сограѓани,  3 500 битолски Евреи, жртви на холокаустот, од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до Железничката станица од каде што беа депортирани во логорите на смртта.

„Имаме морална обврска  постојано да се бориме за соживот и напредок за да успееме да го зачуваме споменот за жртвите на Втората светска војна,  потврдувајќи ја нашата истрајност во борбата за мир, слобода и демократија“,

порача министерката Костадиновска-Стојчевска.

Денот на холокаустот во Битола денеска беше одбележан на Еврејските гробишта во Битола во присуство на голема делегација од Израел. Беше положено цвеќе и каменчиња по еврејските обичаи, а Денот беше одбележан и пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара.

„Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија, “

истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи.

По тој повод и во Штип се одбележаа 81 година од  депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта „Треблинка“. На Комеморативната седница во Општина Штип присуствуваше aмбасадорката на Израел во Република Северна Македонија, Симона Франкел, градоначалникот на Општина Штип, претставници на Еврејската заедница во земјава, како и пратеници во македонското Собрание.

„За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница која беше депортирана за време на Холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во камповите на смртта во Полска, каде што беа убиени за време на холокаустот. За жал, многу малку луѓе преживеаа во овој камп на смртта,“

порача Франкел.

Фото: МИА

Со паролата „Да не се заборови“ се одржа и поворка на живите од зградата на Општина Штип до споменикот на депортираните Евреи од Штип, кој се наоѓа во поранешното Кафтанско маало, каде што живееле поголемиот дел од Еврејската заедница. Градоначалникот Иван Јорданов порача дека Општина Штип секоја година се сеќава на 543 Евреи, кои беа депортирани во Треблинка.

„Затоа што Еврејската заедница е нераскинлив дел од нашето минато, но и наша обврска да ја продлабочиме соработката којашто ја имаме со Еврејската заедница, со Еврејскиот народ. Дефинитивно и во периодот што следи како град имаме обврска да ја вклучиме Еврејската заедница во организирање на заеднички културно-уметнички настани,“

истакна Јорданов.

Фото: МИА

Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје. Ќе започнат со оддавање почит пред Споменикот на 7 144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол, а ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на ХФолокаустот на Евреите од Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи: