Поглаварот Стефан повика на протест против законите за матична евиденција и за родова еднаквост

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан денеска во видео-обраќање побара поддршка околу протестот пред Соборниот храм во четврток на 29-ти јуни, против носењето на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.


„Возљубени секој од нас и сите заедно имаме света должност – она што сме го примиле и наследиле од предците, да го продолжиме и да им го оставиме на поколенијата. Со тоа обезбедуваме иднина на својот народ, бранејќи и чувајќи ги тие придобивки и кон Бога и кон својот род“, рече меѓу другото поглаварот Стефан.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го организира протестот, како што велат, за достоинство, слобода и заштита на основните верски права. Причината за протестот, е неприфаќањето на сугестиите во однос на предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост.
Синодот на МПЦ будно ги следат случувањата и активните притисоци за носењето на овие Закони и оценува дека во оваа ситуација мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред се децата.

„Повикуваме во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’ спомнат во член 23 т.5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони“, порачаа од МПЦ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.