Помошникот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска изјави дека договорот за партнерство меѓу Русија и Северна Кореја ги поништува сите ограничувања кои меѓународната заедница му ги наметна на Пјонгјанг.
„Потпишувањето на „стратешкото воено партнерство“ е еднострано и најдрско поништување на целиот пакет меѓународни одлуки, резолуции и ограничувања наметнати на (КДРК) Северна Кореја“, објави Подољак на Икс.
Претходно денеска Русија и Северна Кореја го потпишаа Сеопфатниот договор за стратешко партнерство по разговорите меѓу делегациите на двете земји со учество на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун.
Ким истакна дека со склучувањето на нов договор, Русија и Северна Кореја ги подигнаа своите сојузнички односи на ново високо ниво.
Рускиот лидер претходно тој документ го нарече фундаментален и истакна дека тој ќе ја претставува основата на односите меѓу Русија и Северна Кореја многу години.
Путин вчера пристигна во дводневна посета на Северна Кореја, која последен пат ја посети во 2000 година.