Повеќе од половина милион луѓе во Либан биле принудени да ги напуштат своите домови, а 285.000 ја напуштиле земјата, соопшти денеска Канцеларијата на ООН за координација на хуманитарните прашања, пренесе ДПА.
Бројот на загинати поврзани со конфликтот се зголемил за 200 проценти во последните две недели, додека бројот на раселени лица пораснал за 385 проценти.
Од 23 септември, Израел значително ги засили ракетните напади врз цели на поддржаната од Иран шиитска групација Хезболах во Либан.
Хезболах го нападна Израел во знак на солидарност со Хамас откако избувна војната во Газа по терористичките напади на палестинската вооружена групација на 7 октомври.
Досега, над 1.700 луѓе се убиени, а речиси 10.000 се ранети во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во последната година, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Либан. Во последните 24 часа, израелските бомбардирања усмртиле 25 лица, а 127 се ранети.
Според информации од Меѓународната организација за миграции, најмалку 541.527 луѓе се раселени во Либан, а 285.000 ја напуштиле земјата од 23 септември. Околу 40 проценти од нив се Либанци.
Израелската армија денеска соопшти дека уништила уште тунели и складишта со оружје на Хезболах во Либан. Според војската, многу од оружјата и муницијата биле скриени во станбени објекти, а уништените тунели биле користени од милитантите за приближување до израелската граница.