Заклучно до вчера во земјава се попишани вкупно 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 199.819 граѓани од дијаспората.
Денеска е 25-тиот, претпоследен ден од Пописот 2021.
Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf
Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен. Со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис, истакнуваат од ДЗС.
Засега нема официјални најави ниту барање за евентуално продолжување на пописот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера порача дека нема пречка да се свика итна седница за продолжување на пописот, но треба да се достави предлог од Владата или група пратеници.
– Во однос на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека е можно да биде побарано продолжување на пописот поради хакерските напади, ова е прашање кое треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни проминенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив, истакна Џафери, по вчерашниот брифинг со претставнци на медиумите.
Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.
Повик да се одржи итна седница за десетдневно продолжување на пописот, вчера дојде од Алијанса за Албанците. Бараат пратениците да донесат измени на Законот за попис со кои ќе се овозможи продолжување на пописните активности, а воедно апелираа до граѓаните да ја искористат секоја можност да се попишат во своите домови или во центрите што ги одреди Државниот завод за статистика.
на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.