Поради обилните врнежи од дожд, во текот на ноќта можно е зголемување на нивото на реката Лепенец

Од ЦУК апелираат на внимателно движење покрај коритото на реката Лепенец

Илустративна фотографија / ФОТО: Архива

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва предупредуваат дека се очекува зголемување на водостојот на реката Лепенец.

Во соопштението од ЦУК се наведува дека зголемувањето на водостојот на Лепенец во нашата земја може да се случи во текот на вечерните и ноќните часови.

„Според УХМР се очекува зголемување на дел од реките. Конкретно, заради обилни врнежи од дожд во Косово, таму е зголемен водостојот на реката Лепенец. Во текот на вечерните и ноќните часови се очекува да има зголемување на водостојот и во нашата земја“,

додаваат од ЦУК.

Оттаму апелираат на внимателно движење покрај коритото на реката Лепенец.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва информираат и за пријави за поплавувања и штети предизвикани од пороен дожд и град во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково.

ФОТО: Центар за управување со кризи

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена пријава за поплавен двор на улицата „11 Октомври“ во Куманово, во кој има трафостаница на ЕВН.

„Регионалниот ЦУК Куманово веднаш извести до ЕВН за да се преземат безбедносни интервентни мерки од нивна страна. Истовремено за настанот е реализирана координативна комуникација со лице за контакт од Општина Куманово“,

додаваат од ЦУК.

Од лице од селото Младо Нагоричане, до ЦУК стигнала пријава дека поради обилните врнежи од дожд и град има голема штета, односно уништени му биле 300 родни дрвца, како и покривот од неговата викенд-куќа.

ФОТО: Центар за управување со кризи

ЦУК информира и дека на територијата на Општина Липково, во селата Липково, Отља, Оризаре и Слупчане во 18:15 часот почнало да врне дожд, проследен со ветер и има паднато многу град.

Според првите податоци добиени од Општина Липково, од ЦУК велат дека во невремето биле уништени земјоделски садници, а оштетени биле и автомобили од паднатиот град.

Пронајдете не на следниве мрежи: