Потрошувачката на струја зголемена, РЕК Битола испаѓа од мрежа, потребите се покриваат со купување на струја и од хидроцентралите

На температури над 40 степени и зголемена потрошувачка на струја најголемиот производител РЕК Битола испадна од мрежа, поради проблем кој настанал кај Мепсо. Потребите од електрична енергија се надоместуваат од други извори.

Од ЕСМ утринава информираа дека до понеделник централата ќе работи само со еден блок и тоа со вклучување и исклучување на првиот и третиот.

Вчера доцна попладне во функција беше ставен Блок 1. Неочекуваниот испад на блокот заради прекин на напојувањето, предизвика проблем во котелот на Блок 1 заради што постројката во текот на денот ќе биде исклучена од мрежа. Се очекува санацијата да заврши до понеделник, по што блокот ќе биде повторно ставен во функција. Во тек се пуштачки операции и на Блок 3 кои вчера беа прекинати заради испадот на 110 киловолтна собирница на МЕПСО. Постројката ќе биде ставена на мрежа во текот на денешниот ден, пишува во соопштението на ЕСМ.

Од МЕПСО пак тврдат дека проблемот кој настанал бил отстранет бргу, а далноводот пуштен 15 минути по испадот кој се случи вчера. Но, останува да се види дали со санацијата е целосно надминат или ваков испад може повторно да се случи.

Во меѓувреме високите температури повлекоа и поголема потрошувачка на струја. Според, податоците на ЕВН во втората во однос на првата недела од јули, е зголемена за околу 25 отсто.

И додека се овозможи РЕК Битола да работи со два блока, потребите од електричната енергија се покриваат со купување на струја, но се користи и домашната од хидроцентралите.

Од она што може да се види од берзите по подолг период има зголемување на цената за мегават. Има денови во кои надминува и 200 евра.

Сличен ваков проблем се случи и во јануари годинава кога температурите беа длабоко под нулата. И тогаш во услови на зголемена потрошувачка, РЕК Битола работеше со само еден блок.

Но, интересно беше тоа што со денови ЕСМ и МЕПСО се натегаа во чија сопствено е проблематичниот далновод поради кој среде зима домашното производство се преполови.

Изминативе неколку години со стартот на енергетската криза, но и по нејзиното завршување излегоа на површина проблемите и слабостите кои со години се таложеа во енергетскиот сектор. РЕК Битола централата често се соочува со испади, Мепсо освен со технички проблеми, извесен период се обидува да ги наплати долговите од трговците, а ЕСМ се обидува да ги реши проблемите со ликвидноста. За тоа наместо пари од буџетот, менаџментот на компанијата добил препораки.

Пронајдете не на следниве мрежи: