Поучна приказна во која ќе се пронајде секој вреден работник: Како мравката добила отказ?

Еднаш одамна, си била една среќна и вредна Мравка, која секој ден прва пристигнувала на работа. Била вредна. Весела. Била среќна додека работела. Пеела весели песни, а резултатите од нејзината работа биле одлични.
Слушајќи ја песната на Мравката, господинот Стршлен, директорот на фирмата, заклучил дека Мравката премногу се забавува, а премалку работи, затоа што нема вистински насоки и шеф кој би ја контролирал.
Затоа ја вработил Бубамарата која имала големо искуство со управување. Првата грижа на Бубамарата била да организира евиденција на доаѓање и заминување. Па така воспоставила систем за регистрирање и подготвила документи со кои би се регистрирало тоа. Со текот на времето, бројот на документи се зголемувал и поради зголемениот обем на работа, морале да вработат некој кој би ги подготвувал документите и извештаите.


Па така го вработиле Пајакот кој веднаш воспоставил систем за архивирање и станал одговорен за преземање на телефонските повици. А мравката? Мравката и натаму работела исто како и претходно. Извештаите кои ги доставувала Бубамарата биле извонредни. Директорот Стршлен бил воодушевен од извештаите кои ги добивал од Бубамарата и наскоро почнал да бара и други работи: дополнителни анализи со графикони, анализи на трендовите на развој, итн.
За да се задоволат барањата на директорот, било неопходно да се вработи и Хрчакот кој директно би му помагал на директорот. Веднаш му купиле нов компјутер и принтер. Среќната и вредна мравка работела исто како и претходно. Единствено што рекла е дека би ѝ било полесно доколку добие нов компјутер. Не ѝ го одобриле барањето. Ова било првпат Мравката да се пожали и директорот Стршлен веднаш сфатил дека потребно е најитно да се реагира.
Создал ново работно место, позиција Шеф на служба, со кое би ја надгледувал среќната и вредна мравка. На новото работно место го вработил Врабецот. Врабецот веднаш го променил мебелот во својата канцеларија и по барање добил ергономски обликувана столица и нов компјутер со LCD екран. Бројот на компјутери пораснал и морало да се инсталира и мрежен сервер. Новиот Шеф на служба сфатил дека му е потребен помошник (која истовремено била негов помошник и во претходната фирма). И така ја вработил Гасеницата. Во меѓувреме Мравката станувала сѐ помалку среќна и сѐ помалку продуктивна. Повторно побарала компјутер. Повторно не ѝ одобриле.
Оваа ситуација го загрижила Врабецот и тој заклучил дека мора да нарача ново истражување за тоа колку се задоволни вработените во фирмата. Го известил директорот Стршлен кој го одобрил неговото ангажирањето на агенција за таа потреба. Скапото истражување било направено и Врабецот почнал да ги применува предложените мотивирачки потреби. Насекаде обесил мотивациски постери. Ги собрал Бубамарата, Пајакот, Хрчакот и Гасеницата и ги носел на мотивациски тренинзи во познати летувалишта.


Мравката и натаму, иако неволно, работела. Ги читала мотивациските постери и никако не можела да ги најде надредените секогаш кога ѝ биле потребни. Тие или не биле во канцеларија или немале време за неа. И така си проаѓало времето. Директорот Стршлен и натаму редовно добивал совршени извешраи, но тие почнале да покажуваат дека фирмата повеќе не е толку профитабилна. Тоа длабоко го загрижило и решил да реагира. За таа цел го изнајмил најелитниот консултант, господинот Був.
Негова задача било да изврши потполна анализа на организацијата и работењето на фирмата и да предложи решенија за таа повторно да биде профитабилна како порано. По три месеци, господинот Був го предал извештајот во кој пишувало: „Во фирмата има премногу вработени!“
Директорот Стршлен воодушевено ја прифатил стручната анализа и веднаш ја отпуштил Мравката.
Од оваа приказна може да извлечеме две поуки:
Поука 1:
Никогаш немој да бидеш среќна и вредна мравка. Многу повеќе се исплати да бидеш неспособен и да не работиш ништо. На неспособните не им се потребни надредени. Ако и наспроти сѐ си продуктивен, никогаш не покажувај дека си весел додека работиш, затоа што за тоа нема оправдување. Ако сепак сакаш да си мравка, основај своја фирма и така нема да мораш да работиш за Стршлен, Бубамара, Пајак, Врабец, Гасеница и Був. Но, тогаш нема да можеш да работиш како Мравка. Затоа што за да ја развиваш фирмата, ќе мораш да се дружиш со разни стршленовци, бубамари, пајаци, хрчаци, врапци, гасеници и бувови.
Поука 2:
За жал, целата приказна е втемелена на разно-разни научни истражувања кои тврдат дека повеќето луѓе тежнеат кон паразитски живот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.