На 71-годишна возраст денес почина едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал Благој Истатов, информираа денес од неговото семејство. Тој е едно од најлегендарните имиња кое остави силна трага во македонскиот фудбал. Од најмала возраст почнува со фудбалот во својот роден град, Струмица и тоа на позицијата голман. Својата играчка кариера ја почна во “Беласица“, а беше дел и од прилепска “Победа“. Сепак најславните фудбалски денови ги имаше во дресот на белградски “Партизан“ преку кој стигна и до дресот на репрезентацијата на поранешна СФРЈ. Последните две години од активната кариера од 1976 до 1978 година ги мина во холандски “Утрехт“.
Откако престана да игра фудбал беше тренер на “Беласица“ и повеќе домашни клубови, а беше и дел од стручниот штаб на македонската сениорска репрезентација. Во изминативе неколку години и натаму беше активен во фудбалскиот живот како член на УО на ФФМ.