На 51 година почина познатиот автор и продуцент на електронска музика Мирко Попов, еден од поиниерите на електронската музика во Македонија.
Тој пред неколку дена беше хоспитализиран на Клиниката за реанимација и интензивно лекување по обилно мозочно крварење, а според информациите починал попладнево на Клиниката за неврохирургија.
На 51 година почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика. Попов неколку дена беше хоспитализиран на скопскиот Клинички центар по мозочен удар.
Мирко Попов беше неодмилнив лик во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, постојано снимаше и издаваше музика и неуморно промовираше млади музичари.
Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“.
Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. „Канал 103“ бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната мултимедијална група (ПМГ Колектив) во 1995 од Мирко Попов и Александар Малевски како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои привлечни европски клупски одредишта.
Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесет изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, за во 2003 сето тоа да прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено четири албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.
Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.
Дел е и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе ЕП изданија и албумот “Чил Фолк“.
Има остварено повеќе улогии во театарски претстави, како и на филм. Се јавува и како автор на неколку музички дела за театар и филм. Режира една радио драма. Уредник е на неколку емисии што се емитуваат на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.