Од денеска и официјално започнува акцијата за спас на ракометниот клуб Вардар. По најавата на Сергеј Самсоненко дека во иднина нема да го финансира „црвено-црниот“ клуб, навивачите се обединија и најавија повеќе акции за спас на клубот кој нема да биде оставен на цедило.
Веќе е направен првиот чекор и објавени се двете сметки, денарска и девизна, на кои ќе можат да се донираат средства за клубот, што и носеше многу радости во последните години на македонската јавност, да биде повторно на здрави нозе.
Вардар е многу блиску до пласман трета година по ред на завршниот турнир во Лигата на шампионите, откако на првиот меч од четвртфиналето славеше над унгарскиот првак ПИК Сегед и ќе брани осум голови предност на реваншот.