Почна собраниската седница за избор на двајца нови министри во техничката Влада

Собранието ја продолжи 143. седница со расправа за изборот на нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација откако во петокот беа разрешени Фатмир Меџити и Азир Алиу од Алијанса за Албанците. За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а за министер за информатичко општество и администрација – Наим Бајрами.

Предлозите кратко пред пратениците ги образложи техничкиот премиер Талат Џафери кој посочи дека од она што на пратениците им е пратено за нивните биографии, нема што да додаде затоа што, рече, за нив говорат нивните дела.
-Особено за предлогот за здравство, Илир Демири, нема потреба од претставување зашто секој од нас, барем ние од Полог, имал прилика, лично или член на негово семејство, да помине во Инфективната клиника и да видиме како сега ја води Клиничката болница во Тетово, рече Џафери.
За Наим Бајрами, пак,посочи дека е магистер по информатичка технологија и, како што рече, ова е прилика да се покаже и докаже во струката.
Собранието минатата недела со 62 гласа „за“ и ниту еден глас „против“ ги разреши министрите од Алијанса за Албанците Фатмир Меџити и Азир Алиу. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.