Почнува судењето на Палевски и останатите обвинети за убиството на Вања и Панче

Денеска би требало да започне судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Иако првично судењето требаше да започне на 4-ти септември, надлежниот судија одреди датум за ново судење.

Причината е поради тоа што мораше да се спојат обвиненијата, затоа што за Љупчо Палевски-Палчо беше посебно обвинение, а истото било одобрено ден претходно, па немало време да се спојат. Затоа судијата побара прво спојување на обвиненијата во еден предмет, па ќе започне судењето

Обвинителството најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на Ѓорчевска и Жежовски.

Кривичниот суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството денес ќе одлучува за спојување во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

Токму тие го идентификуваа Палевски како главен организатор на злосторството, кои ја однеле и полицијата до телата на жртвите.

За свирепото двојно убиство јавноста дозна на 3 декември лани. Тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и обвинителот Бубевски ги обелоденија првите детали.

Палевски беше уапсен од турските власти на почетокот на декември 2023 во турскиот град Баликесир. Тој по пет месеци беше екстрадиран во Македонија.

Според веќе покренатото обвинение, целта на обвинетите била да присилат член на потесното семејство на Вања, да даде парични средства за откуп. Таткото на Вања е обвинет дека помогнал во грабнувањето.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3-ти декември минатата година.

Пронајдете не на следниве мрежи: