Почнуваат чествувањата по повод 1000 години Охридска архиепископија

Со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво, годинава ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски, најавувајќи ја програмата посветена на значајниот јубилеј, истакна дека се работи за извонредно значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.
Највиските државни инстутиции заедно со локалните власти и МПЦ имаат изготвено пригодна програма со цел достојно да се одбележи јубилејот, а истовремено да побуди интерес кај сите возрасни категории. Активностите се распределени да се одржуваат од денеска па се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност.
Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски истакна дека Охридската архиепископија има посебно место во нашата богата духовна историја, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, придонесувајќи Охрид како нејзино седиште да се развива во центар на православието и културата.
– На овие простори, според научни сознанија, имало континуиран живот седум илјади години, а траги оставале речиси сите цивилизации. Тие траги видливи се и сега и се сведоци за богатата историја на Охрид. Тука секој може да ги види наслагите на минатото, да ги види ранохристијанските базилики, прекрасните мозаици и бројните цркви со ретките фрески и икони. Врз цврстите темели на Охридската архиепископија е изградена и нашата Македонска православна црква, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет. Делото на светиот Апостол Павле кој на овие простори почнал да го шири христијанството, подоцна го продолжуваатсСветите Климент и Наум Охридски, учениците и следбениците на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј. Тие продолжуваат со мисијата на ширењето на сесловенската писменост и култура, а свети Климент го отвора, според многумина најстариот Универзитет во Европа, со околу 3500 ученици. Испреплетеноста на важни културни и историски настани, го прават Охрид крстопат на цивилизациите, духовен и центар на сесловенската писменост и култура. Токму поради тоа, одбележувањето на 1000-годишнината од формирањето на Охридската архиепископија е голем настан за нас, но и за сите земји од православието, рече Стојаноски.
Првата содржина од програмата посветена на јубилејот е големиот концерт на хорот „Света Злата Мегленска“ закажан за вечер на Градскиот плоштад во Охрид.
Централната свеченост ќе се одржи утревечер од 18.30 часот во катедралната црква Света Софија во Охрид, со Свечена академија во присуство на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија предводени од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, како и претставници на највисоките државни институции во присуство на претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев. Свеченоста ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.
Во галеријата на Света Софија ќе биде отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.
Одбележувањето на значајниот јубилеј продолжува веќе утредента, со литургиско чествување што ќе се одржи во Света Софија од 9 часот, на кое е најавено присуство на највисока државна делегација.
Организаторите на манифистациите упатија отворен повик до сите братски балкански народи да го посетат Охрид и заедно со македонскиот да го прослават значајниот јубилеј.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.