Пратениците зад затворена врата ќе решаваат за Јанева

Собраниската комисија за избори и именувања денеска зад затворена врата ќе расправа по извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, откако Советот го отфрли барањето на претседателот на Комисијата Илија Димовски да го декласифицира материјалот, а за тоа дали ќе се расправа на затворена или отворена за јавноста седница да одлучат нејзините членови.
Завчера Димовски најави дека ќе испрати барање до новиот претседател до Советот на јавни обвинител Ацо Колевски, да го декласифицира документот, а Советот вчера го отфрли барањето со образложение дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против Специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка.
Бидејќи материјалот е класифициран, на Седницата на Комисијата, како што појасни Димовски, ќе можат да присуствуваат исклучиво членовите кои имаат безбедносен сертификат, но и пратеници кои не се членови, а поседуваат валиден сертификат за класифицирани информации. Одлуката на Комисијата во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство.
Претседателот на Комисијата смета дека во извештајот, што досега имале можност да го разгледуваат само тој и претседателот на Собранието Талат Џафери, има доволно елементи за постапката за разрешување да биде почната и завршена.
Според собранискиот Деловник откако ќе заврши расправата на Комисијата, претседателот на Собранието ќе треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Конечната одлука на пратениците ќе треба на крајот да ја потврди и Советот на обвинители.
На пленарната седница нема да се расправа по извештајот на Советот на јавни обвинители, туку по извештај и заклучок што ќе го донесе Комисијата за прашањата за избори и именувања.
Димовски најави дека во меѓувреме ќе побара од Џафери информација кои се четирите политички партии за да обезбеди согласност во врска со оваа постапка, исто како што е потребна согласност за именување на специјалниот јавен обвинител согласно законот.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.