Првите мигранти ќе пристигнат следната недела во два италијански центри за мигранти во Албанија

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пиандедоси денеска изјави дека првите мигранти ќе пристигнат следната недела во двата мигрантски центри што Италија ги изгради на територијата на Албанија.
Пиандедоси им рече на новинарите дека нема да има свечено отворање на центрите за мигранти, наведувајќи дека центрите во Албанија ќе бидат слични на оние во Италија со режими на „мек притвор“.
„Нема бодликава жица, има здравствена заштита“, посочи Пиандедоси.

Според него, сите мигранти можат да поднесат барање за меѓународна заштита во овие центри и можат да ја добијат во рок од неколку дена.
Мигрантите кои беа спасени од меѓународните води и кои се обидуваат да стигнат до Италија со бродови и чамци ќе бидат сместени во два мигрантски центри во Албанија, а се проценува дека до 3.000 луѓе се обидуваат да стигнат до италијанска територија секој месец.
Според најавите, во тие центри нема да има ниту жени, деца, ниту ранливи групи.
Едниот центар е во Шењин на северот на Албанија, а другиот во блискиот Ѓадер, на местото на поранешната воена база.
Со центрите целосно ќе управува италијанската влада, која платила за нивната изградба.

Пронајдете не на следниве мрежи: