„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“, вели бугарскиот претседател во контекст на вчерашната инаугурација на новата претседателка Силјановска-Давкова и завршувањето на изборната кампања
Република Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и други меѓународни договори кои Република Северна Македонија ги има потпишано, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Изјавата на бугарскиот претседател е дадена во контекст на завршувањето на изборна кампања во државата, но и како реакција на вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.
„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“,
вели Радев.
Радев дополнува дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година.
„За информација на одговорните институции во РСМ, таа нема да биде ревидирана“,
вели Радев.
Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе го почитувам Уставот и и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“,
рече Силјановска-Давкова во свечената заклетва.
Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила „по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција“. Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.