Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на 73. Генерално собрание на Обединетите нации(ОН) кое годинава се одржува на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите. Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.
Како што соопшти неговиот Кабинет Иванов завчера присуствувал на отворањето на генералната дебата на Генералното собрание на ОН и остварил билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.
На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори биле разменети мислења за билатералните односи при што заемно е констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања. Со потсекретарот Воронков биле разменети мислења за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам и постојаните и директни закани од терористичките мрежи. Додека со надбискупот Галагер било разговарано за билатералните односи меѓу Македонија и Светиот Престол и притоа бил поздравен фактот дека, иако католичката заедница во Македонија е бројно помала, сепак е високо почитувана.