Претседателот на земјава Стево Пендаровски денес престојува во прва работна посета на Брисел откако стапи на функцијата. Тој ќе има одвоени билатерални средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
За време на работната посета на Брисел Пендаровски ќе се обрати на трибина организирана од “Пријателите на Европа“, водечка тинк тенк организација која ги поврзува луѓето, ја стимулира дебатата и предизвикува промени за да создаде повеќе инклузивна, одржлива и прогресивна Европа. Тој ќе говори на тема “Северна Македонија и нејзината потрага за евроатлантска интеграција“.
Очекувањата на Пендаровски се дека на средбите во Брисел ќе добие целосна потврда дека Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори. Во интервјуто за “Дојче веле“, Пендаровски вели дека за време на средбите во Брисел, со високи претставници на ЕУ и НАТО ќе им укаже дека земјава веќе го исполнила својот дел од обврските.
-Посетата носи симболична порака и е со прецизна агенда и намера да им укажеме на сите со кои ќе имаме средби, особено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Република Северна Македонија го исполни во целост својот дел од обврските. Јасно да пренесеме како ние гледаме на севкупната констелација на политичко-безбедносните аспекти и предизвици кои постојат на Западниот Балкан. Овде, првенствено мислам на аргументот дека сме единствена земја во регионот во која опозицијата е во Парламентот, единствена во која функционираат сите институции, единствена која нема ниту едно отворено прашање со соседите, вели тој во интервјуто за “Дојче веле“, а пренесува МИА.