Приврзаниците на Села на конгрес на АА го разрешија Таравари од лидер на партијата

На денешниот конгрес, како што соопштија од партијата, со мнозинство гласови е донесена одлука со која Арбен Таравари се разрешува од челната позиција во партијата, а за нов партиски лидер е избран Зијадин Села

Денешниот вонреден конгрес на крилото на Села доаѓа два дена откако во петокот беше свикан, исто така, вонреден конгрес на партијата, но од страна на Арбен Таравари. На конгресот од петокот беа изгласани измени во статутот со кои се укинува функцијата претседател на Централното собрание која ја извршува Зијадин Села

Денеска во Скопје се одржа вонреден конгрес на крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села.

Конгресот беше свикан по минатонеделната седница на Централното собрание на партијата, со кое претседава Села, а на која беше изгласана иницијатива за разрешување на партискиот лидер Арбен Таравари.

Зијадин Села (лево) Арбен Таравари (десно)

На денешниот конгрес, како што соопштија од партијата, со мнозинство гласови е донесена одлука со која Арбен Таравари се разрешува од челната позиција во партијата, а за нов партиски лидер е избран Зијадин Села.

Додаваат дека за ваквата одлука гласале сите 591 присутен делегат од вкупно 837 колку што брои партијата.

Денешниот вонреден конгрес на крилото на Села доаѓа два дена откако во петокот беше свикан, исто така, вонреден конгрес на партијата, но од страна на Арбен Таравари. На конгресот од петокот беа изгласани измени во статутот со кои се укинува функцијата претседател на Централното собрание која ја извршува Зијадин Села.

И за денешниот и за конгресот во петокот, одделните партиски табори – едниот предводен од Села, едниот од Таравари – соопштија дека заседава четвртиот вонреден конгрес на Алијанса за Албанците. Двата табора тврдат дека одлуките кои беа донесени во петокот, односно денеска, се легитимни и изгласани со мнозинство гласови.

По денешното заседание на конгресот на Алијанса за Албанците во Скопје, изјави за медиумите даде Зијадин Села и соопшти дека на предлог на партиските ограноци тој е избран за претседател на партијата.

На прашањето кој е во моментов легитимен и легален претседател на Алијанса, Села вели:

„Легален претседател е оној што се избира таму каде што се дава одговорност и од претседателот на партијата и од било кој друг избран од функционерите од Алијанса за Албанците. Минатата недела ние имавме Централно собрание каде претседателот на партијата одлучи да не дојде и да избега од одговорност. Централното собрание е органот кој одлучува и донесе иницијатива за одржување на овој вонреден четврти конгрес. Затоа сме денеска тука за да го испочитуваме тоа што е напишано во Статутот на партијата и денеска Конгресот одлучи со 591 глас да се разреши господинот Таравари од функцијата претседател на партијата.“

Села го повика Таравари да ја почитува одлуката донесена од конгресот и, како што рече, да се врати во она што значи органи на партијата и да почне да го почитува партискиот статут.

На новинарско прашање дали Алијанса за Албанците самостојно ќе настапува на претстојните избори и дали ќе има свој кандидат за претседател на државата, Села рече дека одлука за тоа ќе носат Централното собрание и Централното претседателство, а медиумите навреме ќе бидат известени за тоа.

Алијанса за Албанците доживеа раскол откако лидерот Арбен Таравари неодамна ги повика партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците. На ваквиот повик се спротистави Зијадин Села од позиција на претседател на Централното собрание со ставот дека партиските тела веќе донеле одлука Алијанса за Албанците да оди сама на претстојните избори.

Инаку, Таравари и лидерите на опозициските партии на Албанците вчера и официјално ја потврдија коалицијата и потпишаа декларација за обединување на претстојните избори.

Пронајдете не на следниве мрежи: