Две експлозии пријави денеска брод што го преминувал Аденскиот залив во близина на брегот на Јемен. Експлозиите се случиле пред бродот, соопшти Британската агенција за поморска безбедност УКМТО.
Тоа е најновиот напад насочен кон поморскиот сообраќај во близина на брегот на Јемен.
„Капетанот пријавил две експлозии пред бродот. Бродот и екипажот се безбедни. Се препорачува на бродовите да пловат со внимателност и да пријават каква било сомнителна активност до УКМТО“, се вели во соопштението на британската агенција.
Експлозиите се случиле на околу 50 наутички милји југоисточно од пристанишниот град Аден, кој е под контрола на јеменската Влада во нејзината војна со бунтовниците Хути.
Засега никој не презеде одговорност за експлозиите.
Хутите ги засилија нападите врз трговските бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив од ноември, предизвикувајќи многу сопственици на бродови да ги избегнат тие клучни премини за меѓународната трговија.