Пролетта ќе доцни во Европа, метеоролозите најавуваат бури на Балканот

Пролетта официјално почнува за помалку од шест недели, а светски познатата метеоролошка служба АкуВедр (AccuWeather) објави голема сезонска прогноза во која предвидува дека пролетта 2021 година може да изгледа како онаа од 2018 година.
Метеоролозите најавуваат дека невремето што ја зафати западна Европа, а потоа и јужниот дел на континентот во текот на зимските месеци, може да остане активно во рана пролет, велат метеоролозите. Се очекува бурите да бидат активни од Франција, преку Италија, кон Балканот, особено во текот на март.
Ова ќе биде невообичаен модел за пролетта бидејќи бурите обично се движат на север во овој период од годината.
„Бурите ќе се смират до крајот на пролетта, но до мај ќе предизвикаат штети во јужна Европа“, вели метеорологот на АкуВедр, Тајлер Ројс, додавајќи дека во регионот се очекуваат обилни врнежи од дожд.
Како што бурите се приближуваат до Средоземното Море, тие ќе бидат придружени со поројни дождови и грмотевици низ Италија и долж западниот брег на Балканскиот полуостров. Ова може да го зголеми ризикот од поплави до почетокот на пролетта.
По една од најснежните зимски сезони во последните пет години во северозападна и централна Европа, многу Европејци можеби со нетрпение ја очекуваат пролетта и враќањето на топлото и сончево време, пишува АкуВедр.
Сепак, според метеорологот Тајлер Ројс, пролетта ќе доцни, но населението нема да биде лишено од пријатни пролетни денови.
Драматична временска промена може да предизвика алергии, особено за оние кои се алергични на полен, кон крајот на април до мај, како резултат на обилната влажност, според метеорологот Алан Реперт. Тој додава дека бури се очекуваат кон крајот на април и мај.
Во Источна Европа, сепак, ќе има малку потопли денови во текот на пролетта, но овој регион може да очекува и студени шокови што можат да траат неколку дена пред да се врати потоплото време. Не е исклучена можноста од снежни врнежи во целиот регион на Европа во текот на пролетта, главно во март.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.