Промоција на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова

Во рамките на фестивалот АртАреа вечерва (петок) од 19 ч. ќе се одржи промоција на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје. „Естом“ е втор роман на Шопова а за првиот „Некој бил тука“ ја добива наградата „Роман на годината, 2018“. на Фондацијата Славко Јаневски.

Романот ќе го промовира Владимир Јанковски кој во освртот кон романот пишува:

Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат.

Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина. Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност.

Николина Андова Шопова (1978) дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ во издание на издавачката куќа Темплум ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, повторно во издание на Темплум.

Нејзини песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена во повеќе антологии на македонската поезија. Во 2018 година го издава романот „Некој бил тука“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унaпредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.