Протест против промена на уставното име пред домовите на Василевски и Арнаудов во Охрид

По Вевчани, движењето „Македонија блокира“ вечерва одржа протестен собир во Охрид против уставните измени со цел промена на името. На протестот беше прочитано протестно писмо кое подоцна им беше доставено на пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов. Нив им беше порачано да се предомислат и да не ги поддржат измените на Уставот со цел институционализирање на Договорот од Преспа, бидејќи тоа е на штета на Република Македонија.
Учесниците на протестот кој го предводеа Филип Петровски од фракцијата на ВМРО ДПМНЕ и Јанко Бачев од Единствена Македонија, најпрвин го посетија домот на пратеникот Василевски кој беше под силно полициско обезбедување. Полицијата им дозволи на водачите на движењето да му го достават протестното писмо на пратеникот Василевски. Тие имаа речиси петнаесетминутна средба пред домот на пратеникот, која на моменти беше жестока, а паднаа и тешки зборови, навреди, но и најави за кривични пријави.
Пратеникот Василевски истакна дека писмото е задоцнето и на погрешна адреса, како и дека тоа треба да се достави во Собранието, но и во белата палата на ВМРО ДПМНЕ. Василевски рече дека иако е исклучен од партијата тој и припаѓа неа и дека ВМРО ДПМНЕ мора да се реформира и врати на евроатлантските патеки, кои се единствениот пат по кој треба да чекори Република Македонија. Токму затоа тој рече дека гласал да се отвори процесот за уставни измени и дека за тоа не чувствува никаква вина, а протестот го оквалификува како форма на притисок.
Протестот на „Македонија блокира“ продолжи пред куќата на пратеникот Арнаудов.

Извор: Охрид Њуз

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.