Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, соопштија попладнево од партијата. За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател која ќе се одржи на 02 март 2024 година.
– Во врска со Јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес. На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Гордана Силјановска-Давкова била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот Факултет Јустинијан Први. Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем. Силјановска – Давкова е актуелен пратеник во Собранието.
Силјановска-Давкова беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година.