Путин за прв пат руската агресија на Украина ја нарече војна

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат го употреби зборот „војна“ за означување на конфликтот во Украина. Претходно, руската инвазија на Украина ја нарекуваше „специјална воена операција“.

„Нашата цел е да ставиме крај на оваа војна“, изјави Путин пред новинарите во Москва, по учество на состанок на Државниот совет за политика за млади. „Тежнееме кон тоа и ќе продолжиме и понатаму“, додаде тој.

Критичарите на Путин велат дека употребата на зборот „војна“ за опишување на конфликтот во Украина всушност е противзаконито во Русија од март, кога рускиот лидер потпиша закон за цензура според кој ширењето на „лажни“ информации за инвазијата е злосторство. За тоа има и казна до 15 години затвор за секој осуден.
Зборот „војна“ изговорен од Путин не мина незабележано.

„Нема декрет за завршување на специјалната воена операција, никаква војна не е објавена. За такви зборови како војна веќе се осудени неколку илјади луѓе“, напиша на Твитер Никита Јуферев, политичар од Санкт Петербург кој избега од Русија поради неговите антивоени ставови.
Американски функционер за CNN изјави дека веројатно забелешката на Путин не била намерна, туку станува збор за лапсус.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.