Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша закон со кој се предвидуваат строги казнени мерки за оние кои учествуваат во субверзивни акции на територијата на Русија. Најстрогата мерка, во одредени случаи, предвидува и доживотен затвор.
Според Василиј Пискарев, претседател на Комитетот за безбедност на Думата и еден од авторите на законот, потребата од такви измени е предизвикана од наглото зголемување на бројот на саботажи во земјата. Според податоците на јавниот обвинител, минатата година во Русија е забележана само една саботажа, додека годинава имало дури 21, пренесува „РИА Новости“.
Оние кои се осомничени за поттикнување субверзивни акции, за регрутирање нови членови или на друг начин учество во спроведувањето на овие акции, вклучително и за финансирање на субверзивни групи, ќе се соочат со затворска казна од осум до десет години. Доколку се покаже дека поединецот ја користел и службената положба за оваа цел, затворската казна во тој случај ќе биде од десет до 20 години.
Секое помагање на саботери ќе биде казниво со затвор од десет до 20 години. Се дефинира како свесно помагање на криминалците со „давање совети, инструкции, потребни информации или други средства и алатки“, а ги опфаќа и сите случаи кога некој ќе им вети засолниште на саботери, пренесува порталот РБК.
Оние кои ќе одлучат да поминат специјална обука ќе се соочат со казна затвор од осум години до доживотен затвор.