Почитувани,
Институтот за истражување и анализи на политики – Ромалитико реагира на информациите изнесени во порталот Фактор „Според јазикот на пасошите, Албанците се 30 отсто во Македонија“. Согласно законот за употреба на јазиците и законот за патни исправи, секоја етничка заедница има право личните податоци да бидат напишани покрај службениот јазик и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот по негово барање.Меѓутоа, според искуствата на Ромската заедница, овој закон недоследно се применуваше. Поради тоа бројот на патни исправи издадени на јазик на етничките заедници да се користи како индикатор за етничката структура во државата треба да се земе со доза на претпазливост.
Нашата организација ја има документирано недоследната примена, при што случаите може да се категоризираат во две категории:
- При поднесување на барања за издавање на пасош, покрај македонскиот, Ромите избираат истиот да се издаде и на Ромски јазик, меѓутоа истите се издаваат двојазично на македонски и албански.
- При поднесување на барање не се бара двојазичност, но доколку лицето кое што го поднесува барањето има муслиманскоили православно име и презиме, службениците по “стандардна претпоставка“ ги издаваат патните исправи на македонски и/или на албански јазик, иако претходно лицата не одбрале ниедна од опциите за друг јазик.
Поради ваквите случаеви, Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико посочува дека административните податоци кои постојат во државата не даваат реална слика за етничката припадност на сите граѓани. Затоа, апелираме Пописот кој се планира да се спроведе во 2020 задолжително да содржи етничката припадност како белег. Досегашната пракса покажува дека говорењето на еден јазик не значи дека лицето е припадник на заедницата на јазикот кој го зборува.
Факт е дека процентот на сите етнички заедници во Македонија и натаму останува енигма, поради различни причини кои најчесто се поврзуваат со вадењето на бугарски пасоши и масовно иселување од државата поради економски причини.
Очекуваме дека новиот закон за јазиците ќе ја спречи “административната асимилација“ на помалите етнички заедници која што претходниот закон ја воведе. Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико во натамошниот период продолжува да се залага за воведување на етнички белег во пописот 2020 и ќе го следи новиот закон за јазиците со цел доследно имплементирање и почитување на правата на сите етнички заедници во Р. Македонија.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.