Без да навлегуваат во медицинската исправност на одлуките на докторите и да ја оспоруваат потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, од ДЗР велат дека ограничениот буџет и ограничениот број пациенти на кои им се дава терапија доведува до постоење ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија
Клиниката за детски болести преку Програмата за лекување ретки болести во рамките на Министерството за здравство за 2022 и 2023 година обезбедила 180 350 000 денари (2,9 милиони евра) за набавка на лекови за цистична фиброза. Сепак, лековите набавени за оваа сума се доволни за само 15 пациенти со оваа болест, иако во земјава се регистрирани помеѓу 130 и 140.
Ваква состојба констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на финансиските извештаи, како и на усогласеноста со законската регулатива на Универзитетската клиника за детски болести за 2022 година.
Резултатите од утврдените состојби во оваа јавна здравствена установа државниот ревизор ги објави денеска. Во соопштението објавено по тој повод се наведува дека се констатирани неусогласености од различна природа кои, како што се наведува, влијаат ревизорите да изразат мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година.
„Со извршената ревизија е утврдено дека Клиниката за детски болести воедно е и центар за лекување пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а дел од нив се лекуваат со лекови кои не се на позитивната листа на лекови за кои се обезбедува условен надоместок од Фондот или, пак, се набавуваат преку програмата за лекување на ретки болести од Министерство за здравство“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Подобрувањето на третманот и начинот на лекување на пациентите, како што се посочува во извештајот, започнува во 2008 година, кога на позитивната листа на лекови се воведени три инхалациски лекови, кои до пациентите се доставуваат преку инсулинските аптеки. Но, како што се додава, во наредниот период на пазарот се достапни нови генерации лекови за третман на цистична фиброза кои до денот на ревизијата сè уште не биле воведени на позитивната листа на лекови.
„Клиниката за детски болести за набавка на дел од лековите која се врши и преку Програмата за лекување на ретки болести во рамки на Министерството, за 2022 година и 2023 година обезбедила средства во вкупен износ од 180 350 илјади денари, односно околу 2,9 милиони евра. Обезбедениот износ е доволен за набавка на терапија само за 15 пациенти, додека согласно приложената документација, регистрирани се помеѓу 130 и 140 пациенти кои боледуваат од цистична фиброза“,
се наведува во соопштението на државниот ревизор.
Без да навлегуваат во медицинската исправност на одлуките на докторите и да ја оспоруваат потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, од ДЗР велат дека ограничениот буџет и ограничениот број пацинети на кои им се дава терапија доведува до постоење ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија.
„Поради тоа, со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум“,
се наведува во соопштението на ДЗР.
Во извештајот на ДЗР се нотира и дека со извршената ревизија, исто така, е утврдена и несоодветна примена недоследно почитување на Законот за јавни набавки во дел од постапките што влијае на конкуренцијата и економично, ефикасно и ефективно користење на на јавните средства.
Така, ревизорите, меѓу другото констатирале дека во текот на 2022 година Клиниката за детски болести набавила лекови во износ од 8 638 000 денари (околу 140 000 евра) во период кога постапката за јавна набавка се уште не била спроведена. Набавката на лековите е вршена на реверс, а фактурите се изготвени и доставени до Клиниката по склучувањето на договорите за јавни набавки.
„Почитувајќи ја потребата од континуирано и навремено обезбедување на лекови утврдивме дека воспоставениот начин на набавка влијае на рационално користење на средствата во постапките за јавна набавка и почитувањето на начелото на конкуренција што не е во согласност со членовите 3 и 5 од Законот за јавни набавки“,
се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Извештајот од ревизијата на ДЗР на финансиските извештаи и усогласеноста на ЈЗИ Универзитетска клиника за детски болести во целост можете да прочитате на следниот ЛИНК.
Инаку, што се однесува до лековите за болните од цистична фиброза, изминатиот период во фокусот беше набавката на лекот „трикафта“ и бројот на пациенти кои го добиваат.
Сега веќе поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити во декември лани на прес-конференција соопшти дека лекот „трикафта“, кој им е потребен на пациентите со цистична фиброза е обезбеден за наредните неколку месеци, а оти дополнително се обезбедени средства за набавка на лекот во 2024 и 2025 година.
Бирократските препреки, како што рече тогаш ексминистерот, не смеат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните.
Медицинската директорка на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, која беше на тогашната прес-конференција со Меџити, рече дека покрај дванаесетте пациенти што веќе ја примаат терапијата, на секои десет дена лекот „трикафта“ ќе до добиваат по уште седум нови пациенти од вкупно 55 кои се на листата на чекање.
Нацева-Фуштиќ додаде дека возрасната граница за почеток на терапијата е 12 години, но дозволени се исклучоци доколку се утврди потреба од лекот и кај помлади од 12 години.