Во 2023 година, глобалните трошоци за нуклеарно оружје се зголемени за 13 отсто и изнесуваат рекордни 91,4 милијарди долари.
Новиот износ, кој е за 10,7 милијарди долари повисок од 2022 година, во голема мера е поттикнат од нагло зголемените буџети за одбрана во САД, особено во период на поширока геополитичка несигурност предизвикана од руската инвазија на Украина и војната меѓу Израел и Хамас.
Сите девет земји во светот со нуклеарно оружје трошат повеќе од претходно, а Кина се проценува дека е вториот најголем трошач со буџет од 11,9 милијарди долари – иако вкупниот износ на Пекинг е далеку под 51,5 милијарди долари што им се припишува на САД.
Русија е трет најголем трошач со 8,3 милијарди долари, по што следат Велика Британија (8,1 милијарди долари) и Франција (6,1 милијарди долари), иако проценките за авторитарните држави или трите земји со непријавена нуклеарна програма (Индија, Пакистан и Израел) се комплицирани поради недостатокот на транспарентност, според Guardian.
Истражувањето беше спроведено од меѓународна група, а една од истражувачите, Сузи Снајдер, предупреди дека нуклеарните држави „се на пат да трошат 100 милијарди долари годишно на нуклеарно оружје“ и тврди дека парите наместо тоа би можеле да се искористат за еколошки и социјални програми.
„Овие милијарди можеа да се искористат за борба против климатските промени и спасување на животните и растенијата кои го одржуваат животот на Земјата од исчезнување, а да не зборуваме за подобрување на здравствените и образовните услуги ширум светот“, рече Снајдер.
Во изминатите пет години, откако Икан ги започна своите истражувања, трошоците за нуклеарно оружје се зголемија за 34 отсто, или 23,2 милијарди долари.
Трошоците на САД пораснаа за 45 отсто во тој период и за 43 отсто во Велика Британија, а според сегашните трендови ќе надминат 100 милијарди долари во 2024 година.
Најголемите нуклеарни држави остануваат, како што се од 50-тите, САД и Русија, кои поседуваат околу 90 проценти од сите боеви глави.
Русија има 4.380 нуклеарни боеви глави распоредени или складирани, додека САД имаат 3.708.