Новиот евроамбасадор во земјава, Михалис Рокас порача дека С. Македонија ќе ја добие поддршката од ЕУ. Според него, во извештајот на ЕУ има поинаква структура со цел да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од првата страница на Извештајот со ЕУ.
На прес-конференцијата со главниот преговарач на земјава со ЕУ, Орхан Муртезани, Рокас појасни дека сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и делот за почитувањето на Договорите со Грција и Бугарија.
-За сите да се фокусираат на суштинските елементи и потоа сите да преминат на другите страници што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи и меѓународната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, кажа евроамбасадорот.
Рокас потврди дека кога минатата недела претседателката на ЕК, Урсуал Фон дер Лајен беше во Скопје, кажа јасна порака и ги цитираше нејзините зборови на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски.
-Прво имаше дискусија за одличната соработка. Потоа цитирам: „Кластерот Основи да се отвори што е можно побрзо. Речиси сме стигнати дотаму и знаеме дека се работи за уставните измени кои што вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори и соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземеат решителниот чекор нанапред“. Потоа продолжи дека е уверена дека може да се надминат пречките кои што постојат. Толку имам да кажам, истакна Рокас, запрашан околу ставот дали е можно да се случат уставни измени со одложено дејство, како што бара македонската влада.
На 24-ти октомври, Фон дер Лајен не одговори дали за Брисел е прифатлив предлогот на македонската власт за одложено дејство на уставните измени, туку само дека европска помош ќе има во спроведување на преземената обврска за уставни измени.
„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што С.Македонија ја презеде како суверена земја во секој дел од патот. За мене тоа е мошне важно, работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот фундаментални вредности, тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат“, изјави таа.