Русија свика вонредна седница на Советот за безбедност поради Северна Кореја

Рускиот претставник во Обединетите нации, Виталиј Чуркин свика во вторникот вонредна седница на Советот за безбедност при светската организација, на којашто ќе се разговара за последната нуклеарна проба на Северна Кореја и можни нови санкции кон оваа изолирана комунистичка земја чиј единствен дипломатски сојузник е Кина.

 Се очекува дека на состанокот ќе се разговара за нацрт-резолуција за продолжување на санкциите против Северна Кореја, кон поединци и субјекти вклучени во нуклеарната и ракетна програма на Пјонгјанг.
Претходно, Чуркин изјави дека текстот од нацрт-резолуцијата е подготвен од страна на САД и 15-члениот Совет со кој претседава во моментов Русија, се очекува, да ја усвои, пренесува РИА Новости.
Според други извештаи, за предлагање на текстот на резолуцијата во Советот за безбедност американската делегација се координирала со Кина, која како постојана членка на Советот може да блокира носење одлука, доколку смета дека текстот на резолуцијата не е избалансиран.
Светот за безбедност на ОН остро ја осуди третата нуклеарна проба на Северна Кореја изведена на 12-ти февруари и најави дека ќе преземе мерки против неа, поради постапката што ја осудија сите светски сили, вклучително и традиционалниот сојузник на Пјонгјанг – Кина.
Тестирањето на нуклеарната направа во Северна Кореја беше изведено и покрај предупредувањата од меѓународната заедница и, исто така, покрај претходните две резолуции за санкции против земјата. Тие вклучуваат, меѓу другото, забрана за набавка на оружје и стоки кои може да се користат за нуклеарната и ракетната програма во Северна Кореја, замрзнување на сметките на лица и организации кои се вклучени во овие програми.
Макфакс
Рускиот претставник во Обединетите нации, Виталиј Чуркин свика во вторникот вонредна седница на Советот за безбедност

Пронајдете не на следниве мрежи: