Руски сили влегоа во предградието на градот Торецк во источна Украина, соопшти доцна синоќа украинската војска, помалку од една недела по падот на блискиот град Вухледар.
-Ситуацијата е нестабилна, борбите се водат буквално на секој влез (во градот), изјави за украинската национална телевизија, Анастасија Бобовникова, портпаролка на Оперативно-тактичката група Луганск.
Таа додаде дека русите влегле во источната периферија на градот. Русија, која сега контролира нешто помалку од една петтина од територијата на Украина, од август напредува кон Торецк, земајќи село по село со пешадија поддржана од зголемена употреба на високо деструктивни наведувани бомби.
Торецк десет години е украински град на првата линија, бидејќи е близу до украинската територија што ја зазедоа сепаратистите поддржани од Русија во 2014 година и оттогаш стана сидро на одбраната на Киев.
За Москва, заземањето на градот, познат до 2016 година по советското име Џержинск по основачот на советската тајна полиција, Феликс Џержински, ќе го приближи претседателот Владимир Путин до неговата цел да го заземе регионот на Донбас.
Откако не успеа да го освои главниот град Киев кога започна сеопфатна инвазија на Москва во февруари 2022 година, Путин се фокусираше на заземање на старото индустриско срце во источна Украина познато како Донбас, кое ги покрива регионите Луганск и Доњецк.
Падот на Торецк, велат украинските воени аналитичари, ќе и овозможи на Москва да ги попречи клучните логтички правци што го поврзуваат оперативниот заден дел на силите на Киев во областа со борбената зона, вклучително и главниот пат Покровск-Костјантинивка.