Што всушност претставува најдобриот систем за ПВО на светот кој Индија, Кина и Турција го купуваат и покрај американските закани за санкции.
На почетокот на октомври Русија потпиша договор вреден пет милијарди американски долари за испорака на систем за противвоздушна одбрана С-400 „Триумф“ на Индија. Новиот систем на партнерот на Москва ќе му овозможи да изгради непробојна купола околу својата земја која ќе може да ја уништи која било закана во воздухот.
Но, дали е навистина С-400 толку добар што Индија, Кина, па дури и Турција која е член на НАТО, се подготвени да го купат и покрај заканите за економски санкции што ги добиваат од Соединетите Американски Држави?
Што е С-400 „Триумф“ и зошто е најдобар на светот?
Global Look Press
Системот за ПВО С-400 „Триумф“ (или „Growler“ како што се нарекува според класификацијата на НАТО) од воведувањето во активна употреба во 2007 година е „тешка класа“ во споредба со своите конкуренти.
Може да идентификува воздушни цели во радиус од 600 километри околу себе и да ги соборува на оддалеченост од 400 километри. Нема разлика дали станува збор за брзи крстосувачки проектили со големи маневарски способности или за интерконтинентални балистички ракети кои речиси низ вселената летаат од едниот до другиот крај на планетата – системот ќе „види“ сè, а потоа ќе ги фиксира и ќе ги уништи од безбедно растојание.
Неговата клучна разлика во однос на главниот конкурент, американскиот MIM-104 „Патриот“, е токму во тоа што може да „гледа“ и да соборува цели во целосен круг околу себе. „Американецот“ работи и „гледа“ само во предетерминирана насока и тоа во распон од само 180 степени.
Освен тоа, поставувањето на лансерот „Патриот“ и неговата примена за борба трае речиси 30 минути! За тоа време ракетите ќе ги уништат своите цели и битката ќе биде изгубена.
Конечно, „Американецот“ ги уништува целите на двојно помала оддалеченост – 180 километри, додека „Русинот“ тоа го прави на 400. Ова е од решавачко значење не само во борбата против ракетите, ами и против ловците и бомбардерите – тие немаат шанса да дејствуваат против С-400 на оддалеченост на која тој оперира.
Сиве овие фактори се причина поради која дури и членовите на НАТО преферираат да купат руска опрема, и покрај заканите за економски санкции против нив.
Системот С-400 „Триумф“ функционира во составот на ракетната одбранбена батерија. Секоја од нив е составена од четири лансери со по четири ракети. Тоа се вкупно 16 одбранбени ракети на батерија кои можат да соборуваат авиони од петтата генерација и крстосувачки ракети на оддалеченост од 400 километри.
Да не ја споменуваме и резервната муниција која исто така е дел од договорот и која исто така се наоѓа на боиштето. Покрај тоа, договорот исто така опфаќа и неколку возила за транспорт и опслужување радарски станици, команден пункт и определен број возила за поддршка.
AFP
Би истакнал дека наведените податоци се однесуваат на системите за ПВО во нивните максимални конфигурации какви што Соединетите Американски Држави и Русија ги користат за одбраната на своите граници. Секој сет кој се подготвува за извоз на странски купувач се формира одделно во зависност од желбите и од финансиските можности. Едноставно кажано, какo и кај купувањето автомобил, можете да купите комплетно опремено возило, а можете и да отпишете дел од опремата.