Полицијата на аеродромот во Даблин утринава имала несекојдневен инцидент. 20-годишен ирски државјанин кој задоцнил на летот на „Рајанер“ за Амстердам го поминал терминалот, излегол на пистата и почнал да трча кон авионот кој се подготвувал за полетување.
Најпрво се обидел да ги убеди вработените на аеродромот да го пуштат, но гејтот бил затворен затоа што веќе авионот се подготвувал за полетување. Потоа тој започнал очајнички да удира по прозорот од терминалот и да му вика на пилотот да го сопре авионот. Со оглед на тоа што авионот продолжил со подготовките за полетување, Ирецот истрчал низ терминалот, ја отворил вратата и излетал на пистата извикувајќи „Чекајте“.
Полицајците веднаш го фатиле и тој веќе се наоѓа во притвор од каде што ќе се соочи со кривична пријава. Поради овој инцидент авионот на летот од Даблин до Амстердам задоцнил 20-тина минути.