Технолошките компании „Опо“ и „Виво“ наводно се откажуваат од развојот на паметните телефони на преклопување. Тоа веројатно важи и за „Уан-плус“, оти неговиот „Уан-плус опен“ е всушност меѓународна верзија на „Фајнд Н-3“ на „Опо“.
Неофицијалните извори говорат дека причината за ваквата одлука е падот на уделот на овие компании на пазарот за преклопни уреди. Со прекинот на производството, овие фирми практично би им го препуштиле пазарот на „Самсунг“ и „Хуавеј“. Говорејќи за кинески „Хуавеј“, оттаму наводно подготвуваат 24-сантиметарски телефон којшто ќе се преклопува двапати, односно во облик на буквата „И“. Тој уред треба да се појави кон крајот на јуни.
Во меѓувреме, „Самсунг“ го привршува развојот на т.н. „вртечки“ екрани. Од друга страна, оваа јужнокорејска технолошка компанија би можела и да ги следи постапките на „Хуавеј“, според други предвидувања на познавачи.