СДСМ се самоизолира и покажува дека е против државните интереси

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска во соопштението ги прозваа пратениците на СДСМ и претенденти за претседателското столче во партијата, Венко Филипче и Славјанка Петровска

СДСМ полека станува изолирана партија бидејќи не поддржаа системски закон, иако огромното двотретинско мнозинство на пратеници го гласаа, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Вчерашните прозивки на Венко Филипче и Славјанка Петровска продолжија и денеска, откако токму пратениците на СДСМ вчера на своите фејсбук профили напишаа дека ВМРО-ДПМНЕ ги погазиле очекувањата и довербата на граѓаните кои им ја дале поддршката на изборите, поради наводниот „дил“ што го направиле со „Европскиот фронт“ за да добијат поддршка за Законот за реорганизација на министерствата.

„Нормално против беше Венко Филипче кој да беше тендер на Пановски веднаш ќе го поддржеше исто како кога беше министер. Исто како и Славјанка Петровска која во својата кариера е позната по гафови и несреќни изјави. Тие од трката за лидер на СДСМ направија пародија и низ призмата на нивната борба носат одлуки во Собранието“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера, по гласањето на Законот, на социјалните мрежи се огласи ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја прозва ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека токму партијата која победи на изборите, за само десет дена, три пати ги погазила зборот.

„Каде сте ‘патриотчиња’? Каде сте, кај отидовте? За вас плаче… На власт се, не ги барајте! ДПМНЕ + ДУИ ❤️❤️“,

пишува Петровска во објавата на Фејсбук.

Следуваше реакција и од пратеникот Венко Филипче кој напиша дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ја изневерила довербата која им била дадена од граѓаните, но и дека кампањата која тие долго време ја водеа против Демократската унија за интеграции се претворила во договор за гласање додавајќи дека цената за тоа допрва ќе се види.

„Ветувањето за помала администрација се претвори во плус четири министерства, без никаква оправданост или дебата. Целта е повторно дил за поделба на власта. Ветувањето за намалување на задолженоста се претвори во најава за земање кредит од милијарда евра. Допрва ќе видиме и зад ова каков дил се крие. Ветувањето за подобри договори во меѓународната политика се претвори во отворање на веќе затворени проблеми и прашања. Едноставно катастрофа“,

напиша Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи: