Денес почна отстранување на железната ограда пред Владата. Одлуката ја донесе Владата на последната седница одржана завчера, а целта, како што наведоа оттаму, е да се ослободи целосно јавниот простор околу владината зграда за да биде достапен за користење од страна на граѓаните.
Според владиниот портпарол Миле Бошњаковски за отстранувањето нема да се трошат пари од граѓаните, туку ќе се искористат внатрешните ресурси, односно постојните капацитет на службите во рамки на Владата.
Оградата ќе биде ставена во депо, а сите понатамошни одлуки во врска со оградата и просторот околу зградата на Владата, ќе бидат донесени низ инклузивен процес во консултација со граѓаните. Бетонските столбови во моментот нема да се отстрануваат бидејќи, како што појасни Бошњаковски, нивното отстранување чини премногу, а Владата нема намера да троши дополнителни пари за да ги исправи грешките на минатата власт.