Загрепската полиција започна кривична истрага против 23-годишник кој вчера со неговиот Мерцедес на паркингот во трговскиот центар Супернова влета во пешаци и во автомобил, по што се повредени вкупно 5 лица.
Како што соопшти утрово полицијата три лица се тешко повредени, а две полесно. Полициската управа во Загреб прецизираше дека 23-годишниот маж управувал Мерцедес со загрепски регистерски таблички и поради несоодветна брзина налетал на тројца пешаци и еден автомобил, кој потоа се одбил во друг автомобил.
Човекот кој го управувал мерцедесот е под полициски надзор, а истрагата е во тек. Како што неофицијално дознава „Телеграм“, возачот се вика Јан Ерлих.
На социјалните мрежи се шират вознемирувачки видеа кои настанале откако 23-годишникот удрил со својот Мерцедес во луѓето. На една од нив се гледа како возачот седи во уништеното возило веднаш по ударот. Во друг автомобил се гледаат две повредени лица, како и машко лице кое лежи на земја. Настанала паника, околу автомобилот се собрала поголема група луѓе.
На друга снимка се гледа како возачот излегува од автомобилот, приоѓајќи и на една од жртвите на подот и се фаќа за глава. Цело време се движи, држејќи ја главата, додека луѓето околу него се обидувале да им помогнат на жртвите.