Северна Кореја во вторникот ја изведе својата трета нуклеарна проба со што го предизвика гневот на САД и Јапонија, а нејзината единствена сојузничка Кина повика на смирување на ситуацијата.
Северна Кореја соопшти дека тестот имал „поголема експлозивна моќ” од пробите изведени во 2006 и во 2009 година, кога биле со помали размери. Официјалната севернокорејска новинска агенција KCNA извести дека била употребена „помала и полесна нуклеарна направа”, давајќи назнаки дека повторно бил искористен плутониум кој е попогоден за користење како ракетна боеава глава.
Американскиот претседател Барак Обама, севернокорејската нуклеарна проба го нарече „провокативен чин” кој ја загрозува стабилноста на целиот регион.
„Опасноста којашто ја претставуваат опасните активности на Северна Кореја ја оправдува натамошната брза и доследна акција на меѓународната заедница. САД, исто така, ќе продолжат да преземаат чекори коишто се неопходни да се заштитат себеси и своите сојузници”, рече американскиот претседател.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе рече дека севернокорејскиот тест претставува „тешка закана” која не може да биде толерирана. Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун го осуди чинот на Пјонгјанг тврдејќи оти станува збор за „тешка повреда„ на резолуцијата на Советот за безбедност при ОН.
Кина којашто и во периодот кога Северна Кореја ја најавуваше својата трета нуклеарна проба, ги повтори повиците на „денуклеаризација” на Корејскиот свет. Исто така, Пекинг повика на смирување на ситуацијата и побара од Пјонгјанг да не ја зголемува напнатоста во регионот.
„Силно ја повикуваме Северна Кореја да се придржува до своите обврски и да не презема натамошни чекори коишто би ја влошиле ситуацијата”, соопшти официјален Пекинг.
Јужна Кореја којашто технички уште е во војна со Северна Кореја по грашанската војна од 1950 до 1953 година завршена со примирје, соопшти дека сеизмичките активности поврзани со нуклеарната експлозија биле малку поголеми од двете претходни севернокорејски тестирања во кои беа тестирани бомби од 6 до 7 килотони. Сепак, станува збор за релативно слаба нуклеарна експлозија, имајќи предвид дека американската атомска бомба фрлена врз јапонскиот град Хирошима на крајот од Втората светска војна имала 20 килотони.
Американскиот геолошки центар USGS објави дека во вторникот регистрирала „сеизмолошки случај” со магнитуда од 5,1 степен по Рихтер, а официјален Пјонгјанг подоцна потврди дека извел нуклеарно тестирање.
„Потврдено е дека е изведен нуклеарен тест на високо безбедносно ниво со користење на помала и полесна нуклеарна направа која има поголема експлозивна моќ од претходните и која нема негативно влијание врз природната околина”, наведе државната агенција KCNA.
Советот за безбедност при обединетите нации свија вонредна седница којашто треба да се одржи подоцна во вторник.
Овој обид претставува и навреда за Пекинг, единствениот голем економски и дипломатски сојузник на Пјонгјанг, сметаат аналитичарите.
„Тестот претставува голема навреда за Кина од која сега може да се очекува да ги оствари заканите за наметнувањето на санкции”, смета Марк Фицпатрик од Меѓународниот институт за стратешки студии.
Москва соопшти дека руските служби за контрола на тестирањето на нуклеарното оружје ја следат ситуацијата во Северна Кореја, изјави неименуван висок државен функционер за РИА Новости. Според него, Русија, како и повеќе други држави, била претходно известена за тестирањето.
„Сепак, во следењето на ситуацијата во Северна Кореја околу можното тестирање беа вклучени сите средства за контрола коишто стојат на располагање на Руската Федерација. Поточно, биле вклучени сите ресурси за следење и разузнавање, како и космичките сили за следење коишто ја регистрирале ситуацијата со тестирањето. Според раположивите информации, моќта на нуклеарното полнење подземно тестирано во Северна Кореја имало моќност од 5 килотони”, додал соговорникот на агенцијата.
И покрај спроведувањето на трите нуклеарни проби и тестирањата на ракетите со долг дострел, експертите сметаат дека Северна Кореја не е блиску до производство на нуклеарна ракета којашто би можела да ја достигне територијата на САД.
Јапонија веднаш повика на нови санкции против Северна Кореја,а јужнокорејското министерство за одбрана соопшти дека не може да ја исклучи можноста дека Пјонгјанг ќе спроведе дополнителни нуклеарни проби и лансирања на ракети.
Јужнокорејската новинска агенција Yonhap јави дека Пјонгјанг го известил Кина и САД за своите планови за спроведувања нуклеарна проба во понеделник, меѓутоа таа информација не е потврдена од дипломатски извори.
Организацијата за сеопфатна забрана на нуклеарните испитувања соопшти дека нуклеарната направа тестирана ноќта кон вторникот од страна на Северна Кореја била помоќна од уредот во 2009 година. Експертите на оваа организација напомнуваат дека тестот во 2009 година имал сеизмичка активност од 4,52, додека сеизмичката активност регистрирана во понеделникот навечер достигнала 4,9 степени по Рихтер.
Макфакс
Северна Кореја во вторникот ја изведе својата трета нуклеарн